Дождот ги изгаси тешките пожари кои со недели ја пустошеја земјава
Македонија може да здивне. Дождот ги изгаси тешките пожари кои со недели ја пустошеја земјава, штетите се бројат во милиони евра...

Дождот, но и екипите на Центарот за управување со кризи помогнаа да се доизгаснат големите пожари кои беснееја подолго време, но тоа е само привремено, вели за МТВ Стојанче Ангелов. Според него, во моментов тешки пожари нема, активни се неколку помали со кои се справуваат надлежните.
Пожарите ја чинат државата многу пари и економските последици се огромни, велат од ЦУК. Колку за споредба, нови ер-трактори се поевтини од штетата која ја предизвикаа пожарите. Според Ангелов, потребна е итна трансформација на целиот систем за управување со кризи вклучително и на системот за гаснење на пожари како составен дел на ЦУК.
Земјава речиси два месеца се бореше го пожарите на отворено, дел од нив гореа со недели, а мораше да биде повикана и странска помош.
Претходно, ЦУК објави дека дождот го изгаснал големиот пожар на Галичица, кој гореше повеќе од две недели.
Но, не е сè така добро. Синоќа изгоре куќа во Старо Нагоричане, велат од Регионалниот центар за управување со кризи. На терен излегле 4-ца пожарникари со две возила и интервенирале до еден часот по полноќ кога огнот бил целосно изгаснат. Според надлежните, причината е спој на електричната инсталација.
Инаку, Владата веќе донесе одлука за реформа на системот за управување со кризи преку спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и ЦУК што ќе придонесе кон поефикасен кризен менаџмент во иднина.
Борис Грујоски
