Кривичен суд: Одговорноста за бегството на Рамадани да се бара кај МВР
Тројца членови кои ги одреди Судскиот совет ќе утврдуваат, дали во донесената одлука од страна на судијата Пајазити има недоследности. За случајот продолжуваат и партиските реакции. Се огласи Kривичниот суд, надзорот на куќниот притвор е во надлежност на МВР...

Членовите на Судски совет, Александар Камбовски, Ханиф Зендели и Павлина Црвенковска ја почнаа постапката за утврдување евентуални пропусти во случајот со поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани кој избега од куќен притвор. Комисијата ќе расправа и за спогодбите со врховниот судија Георгиев и обвинителот Мемети. Од увидот во утврдените факти ќе биде изготвен извештај за постапувањето на судиите, вклучително и за Пајазит Пајазити кој му изрече куќен притвор на Рамадани.
Додека тричлената комисија одлучува, продолжуваат партиските меѓусебни обвинувања. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ за бегството на Рамадани ги обвинуваат СДСМ и ДУИ. Бараат разрешување на судијата Пајазити, како експонент на овие две партии. Очигледно е дека Пајазити му го отворил патот на Рамадани за бегство. Со тоа ја оцрнил професијата и не му е место во судницата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Од опозициската СДСМ, пак, ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ за обиди да ја пренасочи одговорноста за Рамадани на судството, наместо на Министерството за внатрешни работи. Според нив, МВР и министерот Тошковски биле задолжени да го обезбедуваат во куќен притвор. За Пајазити, пак, велат дека бил избран за судија токму во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
„ВМРО-ДПМНЕ, наместо да се обидува да се вади од одговорност во целиот случај, во најкус рок мора да го разреши Тошковски од функцијата министер за внатрешни работи, затоа што одговорноста за бегството е негова. Во најкус рок бараме МВР да излезе со извештај за тоа, кој дозволил Рамадани да избега без да биде соодветно обезбеден“, велат од СДСМ.
И од „Вреди“ го коментираа прашањето за евентуално разрешување на судијата Пајазити.
Се огласи Kривичниот суд. Во образложението стои дека се работи за странски државјанин од Косово кој сторил дело во Србија и земјава не е засегната, но поради меѓународното право има воспоставено судска пракса, како во случајот со Tомора Mорине, кога е утврдено од Врховниот суд дека надлежноста за постапување е во Косово. Рамадани бил во притвор 15 дена, што според законот е најдолгото можно време за притвор, заради тоа му е и изречен куќен притвор. Надзорот на куќниот притвор, велат од Кривичен е во надлежност на МВР и одговорноста е таму. Судскиот совет има право да ја провери постапката, но од Кривичен апелираат, случајот да не се користи за партиски препукувања.
Фиљана Кока
