Перински: Арсовска да подготви план за да видиме кои се потребите за решавање на состојбите
Перински по средбата изјави дека очекувале некаков предлог од Арсовска за тоа како да се решат проблемите, но, како што посочи тој, такво нешто не добиле, освен критика насочена кон Советот која, според него, е неоснована.

Акутниот проблем со хигиената и со одржувањето на зеленилото во Скопје, за што општините го вперија прстот кон Арсовска и побараа да ѝ се одземат ингеренциите, ги седна на маса градоначалничката на Скопје и премиерот Мицкоски и министерот за локална самоуправа Перински.
Арсовска на средбата доби рок до четврток да изработи план за тоа како да се поправат состојбите во Градот и во јавните претпријатија и тој план да биде презентиран пред Советот, по што Владата ќе види на кој начин ќе може, согласно законските можности, да помогне во реализацијата на истиот.
Перински по средбата изјави дека очекувале некаков предлог од Арсовска за тоа како да се решат проблемите, но, како што посочи тој, такво нешто не добиле, освен критика насочена кон Советот која, според него, е неоснована.
„Очајна е состојбата во Градот и во јавните претпријатија и генерален заклучок е дека проблемот лежи во немањето комуникација меѓу советничките групи. Се договоривме градоначалничката Арсовска до четврток да состави некаков план кој ќе биде презентиран пред советниците. Иако нашите очекувања не се големи, ќе почекаме до крајот на неделата и врз основа на тој план ќе видиме што може владата да помогне“, изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
На средбата главно се разговарало за две јавни претпријатија, Комунална хигиена и ЈСП. На средбата не било побарано од Арсовска да си замине.
