Хаос во Град Скопје

Средба Мицкоски-Арсовска, договорено е градоначалничката до четврток да излезе со план

19.08.2024 18:56

Проблемот со хигиената и јавниот превоз во Скопје, за што ЗЕЛС побара на Арсовска да ѝ се одземат ингеренциите, ги седна на маса градоначалничката и премиерот Мицкоски. Договорено е до четврток, Градот да излезе со план и да се утврди, каде Владата може да помогне. Од „Илинденска број 2“ не ја криеја загриженоста и по денешната средба, но, не побарале од Арсовска да си замине. Градоначалничката не коментираше, таа за утре најави прес-конференција…

До крајот на неделава, Град Скопје да излезе со план за надминување на состојбите со хигиената и јавниот превоз – ова е заклучокот по средбата меѓу премиерот Мицкоски, градоначалничката Арсовска, министерот Перински и претседателот на Советот, Славески.

Немањето комуникација помеѓу советничките групи во Советот е една од причините поради која јавните претпријатија не функционираат, особено „Комунална хигиена“ и ЈСП, иако на средбата било констатирано дека на Јавното сообраќајно претпријатие не му е исплатен долгот од бесплатниот превоз на студентите од претходната влада.

„Уште позагрижени отколку што бевме пред да се одржи состанокот. Нашите очекувања како Влада беа дека од страна на Градот ќе слушнеме некаков план или некакви реални потреби кои ние како влада можеме да помогнеме за тој да се реализира. Од нивна страна не слушнавме ништо конструктивно“, изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Барањето на ЗЕЛС за одземање на ингеренциите на Арсовска треба да се разгледува на два начина, легалистички и што ќе се случува во пракса, вели Перински, но тој рече дека на средбата не побарале повлекување на Арсовска.

„Очекувавме од Арсовска да слушнеме зошто не се собира отпадот, дали е поради немање механизација, немање кадар, но тоа не го добивме тоа. Добивме одговор дека немало сезонци, немало доволно работници, оваа година не поминала одлуката за сезонци. Ако годинава не поминала, лани помина на Совет па повторно имавме проблем со насобран смет“, нагласи министерот Перински.

Арсовска не сакаше да коментира пред и по средбата.

ЗЕЛС освен одземање на ингеренциите на Арсовска, побара и трансформација на јавните претпријатија под надзор на владин повереник.

Александра Велинова