Засилени гранични контроли за болеста чума кај добитокот
Добиточната болест чума кај малите преживари која е појавена во Грција и во Албанија ги засили контролите во пограничните региони. Болеста не е опасна за луѓето, но, кај овците и козите предизвикува голема смртност и огромни економски загуби. Туристите кои се враќаат од оваа земја не претставуваат опасност за пренесување на вирусот на болеста...

Засилен надзор на сите гранични премини, кон соседна Грција и Албанија каде што е потврдено присуство на болеста чума кај малите преживари.
Поради порозноста на некои делови од граничните премини и можноста за нелегално пренесување на овци и кози, алармирано е и Министерството за внатрешни работи да ги засили контролите за спречување на евентуална појава на вирусот и ширење на болеста во државава.
Се спроведуваат активности и за рано откривање на болеста во одгледувалиштата во сите региони.
Во случај некое животно да покаже симптоми, ќе се земат примероци за лабораториско испитување.
Болеста не е опасна за луѓето, но, кај добитокот предизвикува голема смртност и огромни економски загуби, велат од агенцијата за храна и ветеринарство.
Од пред 3 години. Македонија има статус на земја слободна од оваа болест и немаме ограничувања за извоз на животни и нивни производи на европскиот пазар.
Методија Трајков
