Косовската претседателка го осуди палењето на македонското знаме на протестот во Приштина

09.07.2014 11:19

Таа бара од полицијата и правосудните органи пред правдата да ги донесат сторителите на ова дело...

Косовската претседателка Атифете Јахјага го осуди палење на македонското знаме на протестот одржан во Приштина, оценувајќи го чинот како неприфатлив.

„Иако протестите се право загарнтирано со Уставот и законите на Република Косово за да се искаже незадоволство по разни прашања, вакви непромислени акти кои имаат за цел поттикнување омраза се во целосна спротивност со вредностите и идеалите кои ги прифативме како демократско општество“, нагласува Јахјага во соопштението за јавноста.

На одржаниот протест доцна попладне вчера, пред македонската амбасада во Приштина, која беше под силно обезбедување, беше запалено македонското знаме и носени и извикувани пароли како „Ние сме 10 милиони војска, подготвени за војна“, „Еден народ, една крв, една мајка, едно знаме“, „Време е за обединување“. Меѓу демонстрантите беше и познатата пеачка од Скопје, Алтуна Сејдиу-Туна.

Протести во знак на поддршка на Албанците во Македонија, освен во Приштина,  вчера попладнето се одржаа и во Тирана и Берлин. Демонстрантите биле организирани преку социјалните мрежи.

Во Тирана се протестирало во центарот. Во Берлин 50 -тина демонстранти  биле собрани пред Македонската амбасада.