Русија го напаѓа Киев, Украина напредува во Курск
Украинската одбрана тврди дека пресретнала неколку проектили над градот. Ударот следи по украинските напади од Суми во соседен Курск...

Масовен руски напад со дронови и крстаречки ракети врз Киев и во неколку источни и северни региони. Украинската одбрана тврди дека пресретнала неколку проектили над градот. Ударот следи по украинските напади од Суми во соседен Курск. Москва тврди дека нејзините сили стигнале до предградието Покровск во Доњецк-клучен центар за украинската војска за снабдување на првите линии на фронтот. Зеленски пак, дека неговата војска напредува по упадот во Курск и веќе контролира над 1.250 квадратни километри и 92 населени места. Според него, упадот не би се случил доколку украинските партнери ги укинеле ограничувањата за употреба на оружје со долг дострел.
„Нашата проактивна, превентивна одбрана е најефективниот контраудар на рускиот терор, предизвикувајќи и, значителни тешкотии. Доколку нашите партнери ги укинаа сите сегашни ограничувања за употреба на оружје на руска територија, немаше физички да навлегуваме во регионот Курск за да ги заштитиме нашите украински граѓани во пограничните заедници и да го елиминираме потенцијалот на Русија за агресија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
