Израел го прифати договорот за прекин на огнот во Газа, се чека Хамас да го стори истото
Американскиот државен секретар Блинкен оптимистично замина од Израел продолжувајќи ја својата турнеа на разговори во Египет. Вели дека Нетанјаху го прифатил американскиот предлог за договор за прекин на огнот во Газа, и дека сега на ред е Хамас да го стори истото...

Американскиот државен секретар Блинкен оптимистично замина од Израел продолжувајќи ја својата турнеа на разговори во Египет. Вели дека Нетанјаху го прифатил американскиот предлог за договор за прекин на огнот во Газа, и дека сега на ред е Хамас да го стори истото.
„Нетанјаху ми потврди дека Израел го прифаќа предлогот за надминување, дека го поддржува. Сега е обврска на Хамас да го стори истото. Мислам дека постои вистинско чувство на итност. Ова е најдобра можност конечно да поминеме преку финишот“, изјави американскиот државен секретар, Ентони Блинкен.
Израел е веќе во првите фази од договорот за ослободување на заложниците кои се држат во Газа, изјави Нетанјаху, најавувајќи дека ќе ги испрати главните преговарачи на самитот во Каиро.
„Ги ценам напорите што САД ги прават во регионалната одбрана против иранската оска. За разбирањето што го покажаа за нашите витални безбедносни интереси, како дел од нашите заеднички напори за ослободување на нашите заложници веќе во првата фаза од договорот“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Високиот функционер на Хамас, Осама Хамдан, пак, ги критикуваше изјавите на САД и Израел велејќи дека ажурираниот договор покренува многу нејаснотии и не е во рамките на претставеното, ниту договореното. Тврди дека не им требаат нови преговори, туку договор за механизам за имплементација. Наспроти глобалните напори да се финализира мировниот договор, Иран повторно се закани дека ќе го казни Израел иако не сака ескалации во регионот.
„Им кажавме на нашите пријатели дека не бараме ескалација во регионот и ги поддржуваме алтруистичките напори за воспоставување на прекин на огнот. Во меѓувреме, го нагласуваме нашето суштинско право да го казниме агресорот и да воспоставиме одвраќање против терористички режим и ќе го искористиме ова право во соодветно време“, изјави Насер Канани, портпарол на Министерство за надворешни работи на Иран.
Во сенка на преговорите, израелските сили продолжија со операциите во појасот Газа. Потврдија дека на југот од енклавата во Кан Јунис пронашле тела на шестмина заложници. На фронтот со Хезболах и натаму гори. Од Либан истрелани десетици ракети. Израел го возвраќа ударот.
Бојана Крстевски
