Врховниот суд чека Обвинителството да се изјасни за екстрадицијата на Блерим Рамадани за да донесе одлука
Врховниот суд чека Обвинителството да се изјасни за екстрадицијата на Косовецот Блерим Рамадани за да донесе одлука. Комисијата на Судскиот совет ја разгледува одлуката на домашен притвор донесена од судијата Пајазити. Стручната јавност во случајот гледа политички притисоци …

Врховниот суд го чека мислењето на Обвинителството за тоа дали се исполнети условите за екстрадиција на Блерим Рамадани. Согласно Законот за меѓународна соработка во кривична материја, Врховен му ги доставил списите за предметот на Обвинителството и мора да го почека ова мислење за да пристапи кон донесување одлука, тврдат од Судот. Стручната јавност пак е загрижена поради политичките повици за разрешување на судијата Пајазити. Дел од нив на тоа гледаат како политички притисоци да се влијае на одлуката која треба да ја донесе тричлената комисија во Судскиот совет. Адвокатот Алиспахиќ за МТВ вели дека до сега немало случај политичка партија да бара разрешување судија за донесена одлука. Особено што тоа може да создаде пракса постојано да се интервенира во одлуките на судиите.
Алиспахиќ вели дека одговорноста треба да се бара на друго место, дотолку повеќе што начинот на кој ќе се врши надзор за куќниот притвор со решение го одредува полициската станица на чија територија се одвива куќниот притвор. Во минатото сме имале ситуации токму МВР има дискреционо право да одредува за времетраењето и начинот на надзор, додава тој.
Јавноста е во очекување на одлуката на тричлената комисија формирана од Судскиот совет. Од таму тврдат дека интензивно се работи на предметите и дека наскоро ќе има исход.
Фиљана Кока
