СДСМ: Сватовите на Гаши со приватни возила биле пропуштени на граница без контрола
Антикорупциската комисија во координација со МВР собира документацијата за случајот со користење на службено возило во приватни цели на собранискиот спикер Гаши. Во меѓувреме, СДСМ тврди дека на брзата лента на граничниот премин со Косово биле пуштени, без контрола, сите возила од свадбената поворка во која бил претседателот на Собранието.

Покрај за спикерот Гаши и неговото обезбедување, граничниот премин Блаце на брза лента бил отворен и за сватовите кои биле со приватни возила, велат од СДСМ кои за ова добиле информации од свиркачи.
Сите возила биле пропуштени без контрола, а во возилата каде што се возело обезбедувањето на Гаши, имало и дел од сватовите, односно приватни лица што е законски недозволено. Граничниот премин Блаце, велат во опозициската СДСМ, бил целосно приватизиран за потребите на Гаши и тоа со амин на МВР и одговорните службеници. Со ова е нарушена безбедноста на државата и проверката на патници која е задолжителна со закон.
Во координација сме со МВР која ја собира целокупната документација за случајот со патувањето на собранискиот спикер Гаши, велат од Антикорупциска. Засега комисијата не постапува по случајот, но се во постојан контакт со МВР и во зависност што ќе биде утврдено ,ДКСК би можела да постапува. Но, само откако ќе се види извештајот на МВР.
Во владејачките „Вреди“ и ВМРО-ДПМНЕ се со став дека Гаши патувал на Косово запазувајќи ги безбедносните протоколи, во спротивно немањето придружба и негово необезбедување би претставувало прекршок за санкции. МВР продолжува со собирање на документацијата за патувањето.
Миле Ристески
