Македонија

Од 101 контрола на УЈП, дури 51 деловен субјект работи со неправилности

20.08.2024 14:00

УЈП ова лето ги „чешла“ трговците, дуќанџиите, угостителите и занаетчиите во туристичките центри. Во Охрид и Струга од 101 контрола кај 51 деловен субјект се утврдени неправилности. Од бизнис секторот се жалат, велат оваа сезона се под постојан притисок на инспекциите …

УЈП ова лето со засилени инспекциски контроли во туристичките центри. Се чешлаат трговците, дуќанџиите, угостителите и занаетчиите во Охрид и Струга. Инспекторите контрола извршиле во вкупно 101 деловен субјект, а дури кај половината, односно кај 51 од нив се утврдени неправилности. Најчесто за неиздавање фискални сметки и неисправни фискални апарати. Еден дуќан покрај изречената глоба, доби и забрана за работа.

„Неправилностите се однесуваат за неиздавање фискални сметки за извршениот промет на добра, не закупена и нерегистрирана резервна фискална апаратура, неводење книга за дневни финансиски извештаи, неводење итна сметководствена книга односно, не се чувале и не се одржувале во исправна состојба фискалните апарати, на видно место не било поставено соопштение со кое се информира купувачот на добро, односно корисникот на услуга за неговата обврска да бара фискална сметка. Во однос на овие контроли Управата за јавни приходи донесе решение на еден даночен обврзник со кое се изрекува мерка забрана за вршење на дејност во деловната просторија во траење од 30 дена“, информираат од УЈП.

Граѓаните со поделени мислења, некои сметаат дека треба казни за воведување на фискална дисциплина, а други пак се против затворање на дуќани.

„Ќе ми дадеш фискална, не нè работи апаратот. Како не работи. Од фискалните живее државата, од данокот, ако нема фискални од што ќе живееме се на црно, срамота!“.

„Законот треба да се почитува, тоа е број еден. Лоша слика е затворање на дуќаните и рестораните кафулиња тоа е лоша слика и за туристите. Не треба толку ригидни да сме“.

„Инспекциските служби треба постојано од време на време да вршат контроли а не така во туристичка сезона засилено нападно инцидентно. Мислам тоа не е најдобар потег. Подобро е континуирано. Мислам во туристичка сезона не треба да има ригорозно затворање“.

„Мора да плаќаат, ако не го почитуваат законот“.

Од бизнис секторот велат оваа сезона се под постојан инспекциски надзор. Покрај инспекторите на УЈП со засилени контроли ова лето се и инспекторите на пазарниот, трудовиот и санитарниот инспекторат.

 

Соња Рилковска