Вечерва свечено ќе биде затворено „Охридско лето“
Со претставата „Алиса во земјата на стравовите“ од Ева Махковиќ, во изведба на актерите на југословенски драмски театар од Белград, на Античкиот театар свечено ќе биде затворено годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“. Режисер на претставата е Александар Поповски, а љубителите на драмската уметност ќе можат да уживаат во креациите на познати актери од српското глумиште …

Вечерва на античкиот театар во Охрид со претставата „Алиса во земјата на стравовите“ од Ева Махковиќ, во изведба на актерите на југословенскиот драмски театар од Белград, ќе биде спуштена завесата на 64-то издание на „Охридско лето“. Од 12-ти јули до денеска на летните сцени, во црквата „Света Софија“ и центарот за култура „Григор Прличев“ продефилираа 800 врвни уметници од 24 земји кои го привлекоа вниманието на публиката од земјава и странство.
„Според нашата статистика во дирекцијата на гледалиштата годинава имаше над 20 илјади љубители на музиката и на театарот“. Се очекува и вечерашната претстава да го исполни античкиот театар, бидејќи како што рече режисерот Александар Поповски се работи за комплексна приказна во којашто се испреплетуваат стравовите на младите луѓе во современото живеење“, изјави Наташа Поповиќ.
„Тоа е едно патување низ потсвеста на една млада девојка којашто се сретнува со сите, од вработување, од успешност, од љубов, од односи и од нешто што е за мене трагедија за условно младите луѓе“, изјави Александар Поповски-режисер.
Актерите изразија задоволство од соработката со Поповски, но и од сцената на која вечерва ќе играат.
„Во оваа претстава јас ја играм кралицата, која всушност е суровата страна на оваа приказна и е спакувана во една нежна жена која сече глави, затоа што не може да ја поднесе минливоста“, изјави Слобода Миќаловиќ-актерка.
„Мислам дека темата на оваа претстава е многу интересна затоа што се занимава со судбината на млада жена во сегашното време и пред искушенијата во кои се наоѓа, особено кога ни е наметнато да бидеме „сè“ до 35-тата година“, додава Милена Радуловиќ-актерка.
„Кога ќе помислам на оваа претстава, тоа е претстава за стравовите, за некое чекање, за промена на времето кое е страшно забрзано и не меле сите нас“, изјави Милан Мариќ-актер.
Во изминатите 40 фестивалски дена публиката имаше можност да проследи 36 уметнички настани кои со својот квалитет уште еднаш го потврдија високото реноме кое „Охридско лето“ го ужива во светот.
Сашо Нелоски
