Здравство

Расте бројот на случаи со Ковид-19, но не е загрижувачки

20.08.2024 15:02

Расте бројот на заболени од ковид во земјава. Во јули 250 регистрирани случаи, овој месец по летните одмори се очекува пораст. Предупредување од Комисијата – кај ризичните групи може да предизвика компликации. Нови препораки за постапување на болниците, се отфрла правилото пациентот да се препраќа на Инфективна.

Болниците и клиниките низ Македонија треба да создадат посебни простории за изолација на пациентите што се хоспитализирани со корона, за да може да се третира нивното основно заболување.

Нови препораки за Ковид-19 во Македонија донесе Комисијата за заразни болести. Првиот човек на Комисијата, проф. д-р Александар Петличковски, за МТВ вели дека состојбата се следи и е далеку од загрижувачка.

Дел од препораките на Комисијата за заразни болести се и болниците да го почитуваат куќниот ред за посети. Тоа не значи дека нема да ги има, туку тие да се во строго утврдено време. Важно е, велат лекарите, граѓаните да се вакцинираат.

Бројот на случаи со Ковид расте, според лекарската фела не е загрижувачки. Во јули статистиката на Институтот за јавно здравје покажа дека имало 250 случаи. Најголем дел граѓаните се лекуваат дома, со помош на матичните лекари.

 

Борис Грујоски