Македонија

Арсовска го обвини Советот за проблемите со кои се соочува Скопје

20.08.2024 15:31

За очајната состојба во градот, Арсовска повторно вината ја насочи кон советничките групи. Вели дека постапките на премиерот Мицкоски во обид да ги поправи грешките на неговите сопартијци се политички циркус...

Градоначалничката Арсовска која до четврток треба да достави план како ќе се реши градската хигиена и јавниот превоз, вели на средбата во Владата очекувала формирање координативно тело, носела предлози со себе што не ѝ биле прифатени. За состојбите повторно вината ја насочи кон советничките групи. Вели дека постапките на премиерот Мицкоски во обид да ги поправи грешките на неговите сопартијци се политички циркус.

Од Арсовска се очекува конкретен план за деблокирање на јавните претпријатија, вели ќе го ревидира по желбите на Владата, но во интерес на граѓаните. 120 работници помалку е една од причините за нефункционирањето на Комуналното претпријатие и блокирањето во Советот од советниците на владејачкото мнозинство за ангажирање сезонски работници.

Нејзините тврдења се спротивни на ставот на министерот Перински, според кој и кога поминувала одлуката градот се гушел во ѓубре. Се ближи почетокот на учебната година кога се зголемува користењето на јавниот градски превоз. Но, сè поизвесно е дека нема да сообраќаат сите автобуси, поради како што вели Арсовска, долгот од осум милиони евра на Владата кон ЈСП за бесплатниот студентски превоз.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека според Арсовска сите се виновни, само таа е исправна и дека не прифаќа помош, ниту пак, ги исполнува обврските. Ако сите советнички групи не ги прифаќаат нејзините предлози, значи не се во ред, додаваат тие.

Откако Арсовска се пожали дека советниците седум месеци ја блокираат работата на Град Скопје, на прашањето „Дали планира оставка во неможност да го испорача она што им го ветила на Скопјани?“, таа одговори дека не чувствува вина за проблемите во кои тоне градот и прстот го впери во Владата, советниците, директорите кои често ги менува.

Александра Велинова