Скопје

Двајца уапсени, еден во бегство по убиството кај „Мавровка“

20.08.2024 16:31

Убиство сред бел ден кај трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје. Смртно застрелано едно лице. Двајца од сторителите уапсени. Се трага по третиот. Осомничените при обид за бегство со огнено оружје пукале кон полицијата…

Свирепо убиство сред бел ден на паркингот пред трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје. Со огнено оружје е застрелано едно лице. Починало на самото место. Двајца осомничени се уапсени, по еден се трага, соопшти МВР.

Градот беше под опсада, специјални полициски сили, хеликоптери, дронови за побрзо пронаоѓање на сторителите. На подрачјето на општина Чаир, забележено било патничко возило, кое се обидело да побегне. Лицата од него со употреба на огнено оружје пружиле отпор. Пукале кон полициските службеници кои возвратиле, по што едно лице е лишено од слобода. При преземањето понатамошни мерки уапсено е и второто лице. На полицијата е познат и идентитетот на третото осомничено лице, соопшти МВР.

Увидни екипи на МВР и обвинителството прибираа докази и материјали, телото на убиениот беше пренесено во Институтот за судска медицина на обдукција. Идентитетот официјално не се соопштува. Граѓаните кои беа сведоци на настанот беа видно вознемирени.

МВР информираше дека се засилени безбедносните мерки. За неполни 24 часа се случија два инцидента. Во престрелката во Сингелиќ пукано било од возило во движење со австриски регистарски таблички во кое имало две лица, едното било пренесено во болница.

Игор Панов