Македонија

Во Владата средба Мицкоски-Дамева

20.08.2024 17:28

Претседателката на Судскиот совет Дамева е во Владата на средба со премиерот Мицкоски и министерот за правда Филков. На маса најверојатно ќе се најдат бројните забелешки за работење на Советот, но и предлозите на Владата за планираните реформи…

Во Владата во тек е средба на премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министерот за правда Игор Филков и претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева. Средбата е епилог од бројните забелешки за работата на Судскиот совет, ниската доверба на граѓаните во судството и отворениот повик на Владата за предлози за реформи во Судскиот совет.

Мицкоски неколку пати ја истакнуваше заложбата за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и целосна реформа во правосудниот систем. Минатата недела, премиерот изјави дека не се откажал од оваа идеја и дека нема намера да се повлече сè додека довербата во правосудниот систем е на многу ниско ниво. Посочи дека ако има потреба отворен е и со експерти да разговара, сè со цел граѓаните да ја вратат одамна изгубената доверба во правосудниот систем која е на многу ниско ниво, од само два проценти.

Како што е познато, оценската мисија на ЕУ изготви извештај за функционирањето на Судскиот совет. Тој содржи 40 препораки, групирани во шест сегменти – структура и компетентност на самиот судски совет, мандатот на неговите членови, процесот на селекција и изборот на судии, дисциплинските постапки, прашањето на транспарентност и комуникација со јавноста и ресурси и финансирање. Во меѓувреме Судскиот совет веќе почна со спроведување на дел од препораките.

Александра Спировска