БЛИСКИ ИСТОК

Блинкен ја заврши посетата на Блискиот Исток, без напредок во преговорите за Газа

21.08.2024 11:12

Нема напредок во мировните преговори за Газа. Израел и Хамас велат дека клучните прашања остануваат нерешени. Протести пред Министерството за одбрана во Тел Авив со барање за итен договор за прекин на огнот…

Без напредок мировните преговори во Газа. И Израел и Хамас сигнализираа дека клучните прашања остануваат нерешени. По состаноците со земјите-посредници, Египет и Катар, американскиот државен секретар Блинкен потврди дека Израел се согласил договорот за прекин на огнот да вклучува распоред и локации на повлекување на израелските сили од енклавата.

„Нашата порака е едноставна, јасна и итна. Мораме да постигнеме договор за прекинот на огнот и враќање на заложниците. Времето е од суштинско значење. САД не прифаќаат никаква долгорочна окупација на Газа од Израел. Поконкретно, договорот е многу јасен за распоредот и за локациите на повлекување на Израелските одбранбени сили од Газа и Израел се согласи на тоа“, изјави американскиот државен секретар, Ентони Блинкен.

Милитантната група го нарече последниот предлог, пресврт, и го обвинува израелскиот премиер Нетанјаху за воведувањето нови услови за ослободување на палестинските затвореници. Во меѓувреме, израелските сили објавија дека пронашле тела на уште шестмина заложници што ги држи Хамас, по што демонстранти излегоа на протести пред Министерството за одбрана во Тел Авив со барање за итен договор за прекин на огнот.

„Сакаме да ги донесеме нашите заложници дома живи“, рече еден од демонстрантите.

„Тие сè уште се таму. И сега има 109 заложници кои сè уште се во Газа, вклучувајќи го и Итај, мојот братучед. Добивме ужасни вести дека вратиле шест тела на заложници“, додаде друг.

Израелските напади продолжија низ Појасот Газа. Расте бројот на жртви. Израелската одбрана објави дека не се откажува од нападите врз позиции на Хезболах во Либан. Од друга страна, иранската револуционерна гарда, вели дека одмаздата против Израел за убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије може да потрае, бидејќи времето е на нивна страна.

„Периодот за нашиот одговор може да биде подолг. Одговорот на Иран можеби не е повторување на минатите операции. Квалитетот на одговорот, сценаријата и алатките не се секогаш исти“, изјави Генерал Али Мохамад Наини, портпарол на корпусот на револуционерната гарда на Иран.

Иран и Хамас го обвинија Израел за нападот во кој загина Ханије неколку часа по инаугурацијата на новиот претседател на Иран, Масуд Пезешкијан.

 

Маријана Димовска