Македонија

Пленарната седница за интерпелација на претседателот на Собранието е закажана за 3-ти септември

21.08.2024 11:49

Пленарната седница за интерпелација на претседателот на Собранието, Африм Гаши е закажана за 3-ти септември. Иницијативата е на Левица, од каде на спикерот му забележуваат за нестручно и непрофесионално постапување. Во меѓувреме, Гаши се соочува со скандал за патувањето на свадба во Косово, каде при поминувањето граница не биле почитувани процедурите. СДСМ денеска објави информации од свиркачи и обвини за обид за прикривање на случајот...

СДСМ бара одговорност од новоназначениот началник на Центарот за гранични работи Север, Наим Рамука кој, како што велат од партијата, дозволил пропуштање без евидентирање на свадбената поворка на собранискиот спикер, Африм Гаши преку границата со Косово.

„Еден час пред да поминат Гаши и сватовите, Наим Рамука поради наводна контрола дошол на граничниот премин. Во суштина Рамука дошол за да го обезбеди поминувањето без контрола на Гаши и сватовите. Наим Рамука е човекот кој одобрил ваков излез од државата, а потоа и влез при враќање на поворката. Нечовекот којшто го обвинува Тошковски, раководителот на смена на Блаце, туку Рамука којшто токму Тошковски го поставил за началник на Центарот за гранични работи Север“, изјави Богданка Кузеска-портпарол на СДСМ.

СДСМ побара да се објават сите снимки од граничниот премин „Блаце“, за да се види колку лица ја преминале границата без контрола. Оттаму повикаа, Обвинителството да отвори истрага и да бидат казнети сите кои го прекршиле законот. МВР, пак, утврди дека Гаши и неговото семејство биле најавени, но не биле евидентирани сите лица при излез од државата. За пропустите на граничниот премин, МВР поведе дисциплинска постапка за командирот на смена. Целиот настан се случува во време кога спикерот Гаши се соочува и со интерпелација во законодавниот дом.

Седницата за интерпелација на претседателот на Собранието Гаши е закажана за 3-ти септември.

 

Ирина Гелевска