Здравство

Расте бројот на заболени од Ковид-19 во Куманово

21.08.2024 13:01

Зголемен бројот на заболени од Ковид-19 во Куманово, како и на ниво на државата. Здравствените власти со апел до граѓаните да ги почитуваат препораките, да не се собираат во поголеми групи и редовно да ја одржуваат хигиената. Простор за паника засега нема, повеќето случаи се асимптоматски или со многу лесни симптоми.

Зголемен бројот на заболени од Ковид-19 во Куманово, како и на ниво на државата. Надлежните сепак смируваат, состојбата не е загрижувачка, иако изминативе две седмици се регистрирани осум случаи. Здравствените работници од Центарот за јавно здравје информираат дека заболените се со полесна клиничка слика. Лабораторијата во Куманово располага и со доволен број на тестови. Истите се прилагодени на новите варијанти на ковид.

„Тоа е некаде мал број, кој не претставува епидемија, тоа се главно амбулантски пациенти, испратени од матичните лекари, неколку од нив и од општата болница“, вели спец. д-р Весна Стефановска, микробиологија ЦЈЗ Куманово.

Лекарите апелираат граѓаните особено кога посетуваат здравствени установи, при посети на болни, и во јавен транспорт да користат заштитни маски. Оние граѓани коишто ги прашавме укажуваат и дека не се дисциплинирани.

Комисијата за заразни болести потврди дека во државата е регистриран раст на бројот на заболени од ковид. Тие ги потсетуваат граѓаните да ги почитуваат мерките за превенција. Меѓу препораките се избегнување групирање и подолг престој во затворени простории, и контакти со заболени лица.

Освен општите препораки, најефикасен начин за заштита од тежок облик на болеста останува вакцинацијата.

 

Елена Георгиевска