Реакции

СДСМ објави нови информации за скандалот со Гаши и злоупотребата на граничниот премин

21.08.2024 14:10

СДСМ побара да се објават сите снимки од граничниот премин „Блаце“, за да се види колку лица ја преминале границата без контрола. МВР, пак, утврди дека Гаши и неговото семејство биле најавени, но не биле евидентирани сите лица при излез од државата. Премиерот Мицкоски не гледа одговорност кај спикерот Гаши...

СДСМ бара одговорност од новоназначениот началник на Центарот за гранични работи Север, Наим Рамука кој, како што велат од партијата, дозволил пропуштање без евидентирање на свадбената поворка на собранискиот спикер, Африм Гаши преку границата со Косово.

„Еден час пред да поминат Гаши и сватовите, Наим Рамука поради наводна контрола дошол на граничниот премин. Во суштина Рамука дошол за да го обезбеди поминувањето без контрола на Гаши и сватовите. Наим Рамука е човекот кој одобрил ваков излез од државата, а потоа и влез при враќање на поворката, изјави Богданка Кузеска-портпарол на СДСМ.

СДСМ побара да се објават сите снимки од граничниот премин „Блаце“, за да се види колку лица ја преминале границата без контрола. Оттаму повикаа, Обвинителството да отвори истрага и да бидат казнети сите кои го прекршиле законот. МВР, пак, утврди дека Гаши и неговото семејство биле најавени, но не биле евидентирани сите лица при излез од државата. За пропустите на граничниот премин, МВР поведе дисциплинска постапка за командирот на смена. Премиерот Мицкоски не гледа одговорност кај спикерот Гаши.

Целиот настан се случува во време кога спикерот Гаши се соочува и со интерпелација во законодавниот дом.

Седницата за интерпелација на претседателот на Собранието Гаши е закажана за 3-ти септември.

 

Ирина Гелевска