Образование

Јаневска: Освен за странски јазици, учебници на 1-ви септември ќе има

21.08.2024 14:57

За десетина дена почнува новата учебна година. Дел од учебниците сè уште се печатат, но, министерката Јаневска ја уверува јавноста дека ќе стигнат навреме. За странски јазици ќе нема книги зашто поништен е тендерот. Септември значи и зголемени трошоци за родителите. Во книжарниците веќе има раздвиженост.

3.000 до 5.000 денари е неопходно да одвојат родителите за учениците за новата учебна година, во книжарниците веќе има раздвиженост.

На само неколку дена пред стартот на новата учебна, веќе се прават последните подготовки. Родителите растрчани да ги подготват децата, секој со своите можности. За некои, ова е финансиски товар, други сметаат дека цените се пристојни.

Од книжарниците велат дека има метеж, но засега, повеќето само се распрашуваат за цените. Со купување ќе почнат откако ќе ги добијат списоците од училиштата.

Во училиштата е почната дистрибуцијата на одобрените и испечатените учебници и на наставните материјали. Освен учебниците за странски јазици, за сите други предмети ќе има учебници, вели министерката за образование Јаневска.

Јаневска додаде дека учебници по историја и општество за 5-то и 6-то одделение ќе има како и учебници по историја и географија за 7-мо одделение.

 

Ана Јосифоска – Тодоровска