Регион

Пукање во БиХ, вработен во гимназија во Сански мост усмртил тројца колеги

21.08.2024 15:00

Злосторството во Босна и Херцеговина, број еден вест во регионот. Домар од гимназијата во Сански мост со автоматско оружје ги застрелал директорот, секретарката и професорка, по што се обидел да се самоубие. Причината била што пред извесно време, против вработениот била покрената дисциплинска постапка.

Мехмед Вукалиќ е домарот кој усмрти тројца колеги во гимназијата „Сански Мост“ во Босна и Херцеговина затоа што бил суспендиран. Влегол во објектот со автоматско оружје додека наставниците одржувале состанок и пукал насочено кон директорот, секретарката и една професорка, по што се обидел да си пресуди себе си.

Полицијата работи на расчистување на сите аспекти на случајот.

„Припадниците на полицијата на Сански мост во 10 часот и 15 минути примиле дојава дека дошло до употреба на огнено оружје во објектот на средношколската гимназија и дека машка возрасна личност со употреба на воено оружје, автоматска пушка, извршила убиство на тројца вработени во гимназијата, по што се обидел да изврши самоубиство. Се здобил со тешки повреди и со возило на Итна помош е упатен во Ургентен центар Бања Лука. Повредите кои самиот си ги нанел се сериозни и опасни по живот. Полицијата е на местото, врши увид и собира информации за утврдување на мотивот“, изјави Аднан Беговиќ, портпарол на Министерството за внатрешни работи на БиХ.

Пред извесно време, против убиецот била поднесена дисциплинска мерка откако имал несогласувања со раководството на училиштето. Трите жртви биле дел од комисијата која го суспендирала.

 

Бојана Крстевски