Македонија

Расчистено убиството кај „Мавровка“, мотивот бил користољубие

21.08.2024 16:00

Целосно е расчистено убиството кај „Мавровка“. Уапсен е 39-годишник од Скопје, поднесена кривична пријава за убиство, обид за убиство и неовластено поседување оружје. Вториот уапсен е ослободен, нема докази за поврзаност со настанот. По едно лице сè уште се трага. Мотивот бил користољубие, соопшти Обвинителството…

Еден осомничен за убиството на 59-годишниот скопјанец на паркингот позади „Мавровка“. Основното јавно обвинителство отвори истрага, го товари за убиство, обид за убиство и недозволено поседување оружје и бара притвор. Осомничениот со умисла и од користољубие го убил скопјанецот, а од неговата сопруга одзел торба со лаптоп и избегал со автомобил без регистарски таблички. По кратко, на паркингот пристигнало и второ возило со белгиска регистрација, од кое излегло засега непознато лице и од багажникот на автомобилот на жртвата одзело гајба со рачен алат. Откако се дале во бегство биле пресретнати од полицијата кон која пукале.

„Автомобилот Цитроен, вториот осомничен го оставил во Гази Баба и се качил во автомобилот Ауди, по што продолжиле да се движат, но на улицата Стојна Стефкова биле пресретнати од полициски службеници. Додека другото лице управувало, сега осомничениот излегол од совозачка врата и пукал, обидувајќи се да ги лиши од живот полицајците кои сакале да го запрат. Четворицата полициски службеници во самоодбрана испукале неколку предупредувачки проектили во воздух со службеното оружје, па го совладале и привеле осомничениот. Другото лице се дало во бегство и по него се трага“, велат од Обвинителството.

Сите се со криминално досие и ѝ се познати на полицијата. Извршени се претреси на четири локации каде според МВР постоеле индиции дека престојувале обвинетите. Еден од двајцата приведени, по проверката и распитот во полиција, е пуштен на слобода.

„Од Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје беа извршени увиди на местата, беа извршени разговори со сведоци како и претреси во домови на неколку локации, беа прегледани видеозаписи и беше извршена претрага на терен за обезбедување на материјални докази како што се возила, пиштол, чаури и други одземени предмети. Од Одделот за форензички испитувања при МВР e извршено вештачење на чаури и пиштол со кое вештачење се поврзуваат двете кривични дела со сторителот Е.К.“-соопштуваат од МВР.

Скопјани да не се плашат, нема закана по безбедноста, вели поранешниот началник во МВР Ѓурчески, кој ја пофали полицијата за тоа што првпат по седум години применила овластувања согласно законот.

Вчера нешто пред 10 часот среде бел ден убиен беше 59-годишниот скопјанец, пред очите на неговата сопруга.

Викторија Милевска