Три лица убиени во средно училиште во БиХ
Злосторството во Босна и Херцеговина. Домар од гимназијата „Сански Мост“ со автоматско оружје ги застрелал директорот, секретарката и професорка, по што се обидел да се самоубие. Причината била што пред извесно време, против вработениот била поведена дисциплинска постапка…

Мехмед Вукалиќ е домарот кој усмрти тројца колеги во гимназијата „Сански Мост“ во Босна и Херцеговина затоа што бил суспендиран. Влегол во објектот со автоматско оружје додека наставниците одржувале состанок и пукал кон директорот, секретарката и една професорка, по што се обидел да си пресуди себеси. Полицијата работи на расчистување на сите аспекти на случајот.
„Припадниците на полицијата на Сански Мост во 10.15 примиле дојава дека дошло до употреба на огнено оружје во објектот на средношколската гимназија и дека машка возрасна личност со употреба на воено оружување-автоматска пушка, извршил убиство на тројца вработени во гимназијата по што се обидел да изврши самоубиство. Се здобил со тешки повреди и со возило на итна помош е упатен во ургентниот центар Бања Лука. Повредите кои самиот си ги нанел се сериозни и опасни по живот. Полицијата е на местото, врши увид и собира информации за утврдување на мотивот“, изјави Аднан Бегановиќ, портпарол на Министерството за внатрешни работи.
Градоначалникот на Сански Мост потврди дека се работи за изолиран случај. Упати сочувство до семејствата на настраданите и повика вакво нешто повеќе да не се повтори.
„Се работи за изолиран случај и сакам да упатам сочувство до семејствата на жртвите. Немам зборови со кои би можел да им го олеснам денешниот ден, никогаш да не се повтори“, изјави Фарис Хасанбеговиќ, градоначалник на Сански Мост.
Пред извесно време, против убиецот била поднесена дисциплинска мерка откако имал несогласувања со раководството на училиштето. Трите жртви биле дел од комисијата која го суспендирала.
Бојана Крстевски
