Сцена

Петмина македонски изведувачи на 52-то издание на Фестивалот „Студентско лето“

21.08.2024 17:11

Македонија оваа година ја претставуваат пејачите: Трајче Геориев, Марио Петрушевски, Ангел Јунтев, Денис Димоски и Васил Ангелов.

Овогодишното 52-ро издание на Фестивалот „Студентско лето“ собира изведувачи од просторот на 9 земји, 3 континента и преку 30 градови, меѓу кои и учесници и претставници од Македонија.

Македонија оваа година ја претставуваат пејачите: Трајче Геориев, Марио Петрушевски, Ангел Јунтев, Денис Димоски и Васил Ангелов.

Учесниците се натпреваруваат на 30-ти август во конкуренција на народна музика и/или 31-ви август во конкуренција на забавна музика. Сите тие се борат за наградата од публиката, жирито на новинари од целиот регион, но и стручното жири, кое е најмеродавно на овој Фестивал. Со стручното жири претседава Јован Адамов, композитор, продуцент и диригент од Нови Сад, креатор на популарното шоу „Музички тобоган“.

Инаку „Студентско лето“ е најстар фестивал на млади пејачи во БиХ и регионот. Приказната за Фестивалот датира уште од ’60-те години на минатиот век кога „Роднокрајниот студентски клуб“ организира средби на млади пејачи од соседните градови, за во 1970-та година Фестивалот да стане круна на сите фестивали во Југославија, односно фестивал на победниците на регионалните фестивали. Со тоа се отвораат вратите за значително поголем број на учесници и оркестри кои ги придружуваат младите изведувачи.

Својата музичка кариера во Маглај ја започнуваат многу имиња од југословенската сцена и стануваат музичари со значајна кариера: Слаѓана Милошевиќ, Жељко Самарџиќ, Лепа Брена (Фахрета Јахиќ), Даниел Поповиќ, Марија Михаиловиќ, Северина, Верица Ристевска и многу други имиња.

Бројни ревијални оркестри како оние на РТВ Белград, Нови Сад, Загреб, Љубљана, Скопје и Сараево ги придружуваат изведувачите на народни и забавни песни, а таа традиција е задржана до денес. Сите учесници во двете конкуренции ги придружува големиот фестивалски оркестар под водство на проф. Амир Мухаремовиќ.

Фестивалот оваа година се одржува на 30-ти и 31-ви август со почеток во 20 часот во салата „Победа“ во Маглај.