ЗЕМЈОДЕЛСТВО

Субвенции за активности на Националната рурална мрежа

22.08.2024 08:26

До крајот на месецов се очекува да биде објавен нов јавен повик. Со него членовите на Националната рурална мрежа од областа на земјоделството и руралниот развој ќе можат да добијат финансиска поддршка за одржување на настани и активности …

Се подготвува нов јавен повик за финансиска поддршка за активности на Националната рурална мрежа.

Корисници се органите на државната управа, стручните установи, локалната власт, земјоделските стопанства, научно-образовни институции, здруженија, земјоделските задруги, и физички и правни лица со проекти за подобрување на земјоделството и руралниот развој.

Средствата кои ќе бидат на располагање и максималната вредност по корисник, ќе бидат објавени дополнително. На претходниот повик беа понудени 10 милиони денари, а еден барател можеше да користи поддршка за 2 активности најмногу до 600 илјади денари.

Услов е барателот да е член на мрежата, а проектите да се за квалитетно спроведување и информирање за програмата и за иновации во производството на храна, шумарството и одржлив развој на селските средини.

Може да учествуваат сите членови на мрежата без разлика дали учествувале на првиот јавен повик, освен ако не ја завршиле претходната обврска.

Изборот е по принципот прв дојден-прв услужен.

 

Методија Трајков