Антикорупциска отвори предмет за новоназначениот началник на Генералштабот на Армијата
Алијанса за Албанците го оспори изборот на Лафчиски, тврдејќи дека не ги исполнува условите за позицијата началник на Генералштабот...

При спроведувањето на своите надлежности претседателката Гордана Сиљановска-Давкова секогаш се води од Уставот и законите. Ова е одговорот од кабинетот на шефицата на државата на забелешките за поставувањето на новиот началник на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, кој е поставен на должноста согласно позитивните законски прописи. Алијанса за Албанците го оспори изборот на Лафчиски, тврдејќи дека не ги исполнува условите за позицијата началник на Генералштабот.
Антикорупциската комисија отвори предмет. Претставката е стигната и почната е постапка за обезбедување на документи за проверка на наводите, изјави претседателката Димитровска.
Генерал-мајор Сашко Лафчиски за началник на Генералштабот на Армијата беше назначен на Денот на Армијата, 18-ти август со указ на претседателката Сиљановска-Давкова, која го унапреди и во повисок армиски чин. Генерал Лафчиски претходно беше командант на Првата механизирана пешадиска бригада.
