Руско-украински конфликт

Засилени борби на линијата на фронтот во Покровск

22.08.2024 11:59

Осуетен обид на украинските диверзанти да ја пробијат границата во западниот руски регион Брјанск-тврди Москва. Врши силен притисок на истокот од Украина додека борците на Киев продираат на руско тло. Зеленски вели-јасни ни се руските планови, ги повика сојузниците да ги исполнат своите обврски. Кремљ остануваат цврсти на ставот дека простор за мировни преговори нема...

Руските трупи окупираа три населби во Донбас, напредуваат во правец на Николаевка. Украинците, пак, гаѓаа руско складиште за муниција и гориво на Црното Море. Засилени борби на линијата на фронтот во Покровск. Москва тврди дека презеле уште една населба во градот додека Киев ги зајакнува позициите.

„Ќе стоиме овде и ќе ги убиеме руските војници до еден, нема да ги пуштиме да влезат во Покровск“, изјави украински командант.

„Вознемирувачки е рускиот притисок во регионот на Доњецк, но ќе биде штета ако треба целосно, условно, да го предадеме. Затоа се бориме. Не залудно момците умираат за тоа“, изјави украински војник.

Зеленски вели дека му се јасни руските планови и ги повика сојузниците да ги исполнат своите обврски.

„Нашите позиции на фронтот главно се фокусирани во насока на Покровск. Јасни ни се плановите на непријателот. Извршивме проверка на муницијата. Многу е важно нашите партнери да ги исполнат обврските, од сите наши договори. Тоа е основа за да се одбраниме. Во Курск операцијата продолжува“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Русија тврди дека е осуетен уште еден обид на украински диверзанти да ја пробијат границата во западниот регион Брјанск, на околу 240 километри од местото на упадот во соседен Курск. Во Волгоград нападнат воен аеродром. Додека се интензивираат борбите на руско тло, од Кремљ се поцврсти на ставот дека мировни преговори ќе нема.

„Кој ќе преговара со нив после ова, по злосторствата и теророт што го вршат врз цивилното население? Овој обид да ја нападнат нашата територија, уште еднаш ќе нагласам-ја поништува секоја можност за какви било преговори со бандитската хунта“, изјави Марија Захарова, портпаролка на Министерството за надворешни работи на Русија.

Германија се оградува дека знаела за украинскиот упад на руска територија. Канцеларот Шолц изјави дека Берлин внимателно ја следи ситуацијата околу Курск и очекува воената операција да биде ограничена и временски и територијално.

 

Бојана Крстевски