Охрид

Балкански поетски камп „Ванчо Николески“ во Охрид

22.08.2024 12:17

Притисоците врз Македонците во соседните земји не запираат, се чувствуваат и во Бугарија, Грција и во Албанија. Но, Македонците не потклекнуваат, тие сакаат и продолжуваат да го негуваат македонскиот јазик, култура и традиција, порачаа присутните на шестиот Балкански поетски камп „Ванчо Николески“ во Охрид.

Расте интересот за изучување македонски јазик во Грција. Иако грчката држава сè уште официјално не дозволува школи на македонски јазик, заврши судскиот процес и не се укина првиот Центар за македонски јазик во Лерин.

Македонците не потклекнуваат на притисоците, тие сакаат да го негуваат македонскиот јазик, култура и традиција, порачаа присутните на шестиот Балкански поетски камп „Ванчо Николески“ во Охрид.

„Тоа е електронска школа, интернет платформа за да можат било кој, којшто сака да учи македонски јазик. Некои што се свесни Македонци, свесни семејства, се интересираат и ќе го прават тоа што им налага достоинството и милост за роднините и нашите традиции. Многу млади учествуваат во културните манифестации и панаѓури во селата, играат и слушаат македонски песни, но треба и чекор напред“, вели Павле Васкополус, член на претседателството на „Виножито“.

„Тука ќе се зборува, ќе се рецитира, ќе се читаат песни на македонски јазик, а утре сите заминуваме во Пустец за среќа ги имаме првите луѓе во Бугарија, Грција и Албанија, коишто се македонисти и работаат за македонското дело“, вели Веле Митаноски, организатор на Балканскиот поетски камп.

Притисоците врз Македонците во соседните земји не запираат, се чувствуваат и во Бугарија и во Албанија.

„Ние сме континуирано под притисок најмногу последните години, од 2017-та година, од кога се произнесе бугарско малцинство кое не постои и од тогаш тој притисок е поинтензивен, најмногу во овие последниве 2-3 години. Па, лани за време на пописот, се чувствува, и очекуваме уште поинтензивен да биде затоа што сега Бугарија ја легитимира својата политика, успеа на пописот да извади Бугари и да настапи уште пожестоко да ги асимилира Македонците во Албанија“, вели Васил Стерјоски, претседател на македонската партија во Албанија.

„Тоа се политички игри, јас лично избегнувам да зборувам затоа што има притисоци, не бркаат од работа, и внимаваме. Но, мислам, со моето присуство денес, овде, докажувам дека сум Македонец“, вели Јордан Белчев од претседателството на партијата ОМУ „Илинден Пирин“.

Поезијата на Балканскиот поетски камп во Охрид денес симболично ги спои Егејот, Пирин, Вардарот и мала Преспа.

 

Соња Рилковска