Дипломатија

Фрчкоски поднел оставка од функцијата амбасадор во ООН

22.08.2024 12:30

Љубомир Фрчковски поднел оставка од функцијата амбасадор и постојан претставник во Обединетите Нации. Оставката е поднесена до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и известено е Министерството за надворешни. Фрчковски беше повикан на разговор во МНР поради наводни финансиски нерегуларности во работењето на претставништвото, но сè уште не се сретнале со министерот Муцунски поради здравствени причини на амбасадорот...

До кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова пристигнала писмената оставка на Љубомир Фрчкоски од местото амбасадор во Постојаната мисија при Обединетите нации во Њујорк. Фрчкоски смета дека оставката нема да влијае на работата на Мисијата, но може да влијае на реализација на проектот „Промоција на дијалог и медијација, со цел превенција на геноцид и злосторства против човештвото“, што го предложи Македонија и беше прифатено од Светската организација. Во почетокот на јули Фрчкоски беше повикан во МНР за наводни финансиски нерегуларности во работењето на постојаната мисија при ООН, но разговорот со шефот на дипломатијата Муцунски не се реализира поради негово боледување. Државниот ревизор во извештајот открил дека Фрчкоски платил за авионски карти од буџетот на мисијата, а подоцна тој изјави дека ќе ги врати од сопствени средства.

„Министерот за надворешни нема поим за оваа супер важна иницијатива на Македонија за која има патем куп известувања пратени од Мисијата, но за која воопшто не се интересира и не комуницира. Тој има поважна работа во надворешната политика – да се занимава со сметките на амбасадите и амбасадорите. Ако оваа иницијатива пропадне поради изгубеност, незаинтересираност или лоша волја на министерот и Министерството тоа ќе биде пропуштање на историска шанса за здрава промоција на земјата на клучните прашања во ООН и воедно срам за земјата“, наведе Фрчкоски во изјава за „Либертас“.

Министерот за надворешни работи по стапување на функцијата на разговор ги повика и амбасадорите Весел Мемеди, Андреј Жерновски и Данчо Марковски. Мемеди требаше да објасни зошто на италијанските власти соопштил дека не важат валидните македонските пасоши со старото име, Марковски за драстично намалениот број на Македонци на пописот во Албанија и Жерновски за нерегуларностите за неговото упатување како амбасадор.

 

Ирина Гелевска