Дополнета позитивната листа на лекови, за граѓаните олеснување за семејниот буџет
Додавањето нови лекови во позитивната листа е голем исчекор и треба да се проширува, во интерес на пациентите и подобрување на здравството, велат матичните лекари. Задоволни се и граѓаните. За нив ова ќе значи олеснување на семејниот буџет.

Значително олеснување за семејниот буџет, полесна достапност до лековите – вака граѓаните ја оценуваат новата позитивна листа на генерички лекови, меѓу кои за висок притисок, срцеви заболувања, депресија и деменција, но сметаат дека треба и други медикаменти кои секојдневно ги користат да бидат на листата.
Според матични лекари, додавањето нови лекови во позитивната листа е голем исчекор кој е долго време очекуван. Последни измени имаше во 2014-та година. Листата треба да се проширува вели д-р Чолакова, во интерес на пациентите и подобрување на здравството.
Надлежните велат дека работат согласно со барањата, поднесени од носителите на одобрение за ставање лек во промет. Тоа што кардиоваскуларните заболувања се најзастапени во нашата земја, ја наметнува потребата овие лекови да се приоритет. Во втората фаза, се очекуваат лекови и за онколошките пациенти.
Проширувањето на листата ќе чини девет милиони евра. Надлежните очекуваат, проширувањето на листата да го олесни животот на пациентите.
Александра Спировска
