Дипломатија

Фрчкоски доставил оставка од функцијата, потврди МНР

22.08.2024 14:03

Љубомир Фрчкоски поднел оставка од функцијата амбасадор и постојан претставник во ОН. Оставката е поднесена до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Известено е и Министерството за внатрешни работи. Оттаму потврдија дека Фрчкоски, до претседателката Сиљановска-Давкова ја доставил оставката од функцијата.

МНР потврди дека амбасадорот и постојан претставник при ООН во Њујорк, Љубомир Фрчкоски, до претседателката Сиљановска-Давкова ја доставил оставката од функцијата за која е известено и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

„Потсетуваме дека согласно член 45 од Законот за надворешни работи, мандатот на амбасадорот може да трае и пократко од четири години, особено во случај доколку и самиот тоа го побара, како што е случајот со дадената оставка од страна на амбасадорот Фрчкоски. Во истиот член е наведено дека кога ќе биде исполнет условот од став 1 на наведениот член, претседателот го отповикува амбасадорот најдоцна во рок од 30 дена. Надлежните институции во наредниот законски определен период ќе ги преземат сите потребни чекори за целосно заокружување на постапката поврзана со статусот на споменатиот амбасадор“, велат од МНР.

Фрчкоски смета дека оставката нема да влијае на работата на Мисијата, но може да влијае на реализација на проектот „Промоција на дијалог и медијација, со цел превенција на геноцид и злосторства против човештвото, што го предложи Македонија и беше прифатено од светската организација.

„Министерот за надворешни нема поим за оваа супер важна иницијатива на Македонија за која има патем куп известувања пратени од Мисијата, но за која воопшто не се интересира и не комуницира. Тој има поважна работа во надворешната политика – да се занимава со сметките на амбасадите и амбасадорите. Ако оваа иницијатива пропадне поради изгубеност, незаинтересираност или лоша волја на министерот и министерството тоа ќе биде пропуштање на историска шанса за здрава промоција на земјата на клучните прашања во ООН и воедно срам за земјата“, наведе Фрчкоски во изјава за „Либертас“.

Во почетокот на јули Фрчкоски беше повикан во МНР за наводни финансиски нерегуларности во работењето на Постојаната мисија при ООН, но разговорот со шефот на дипломатијата, Муцунски, не се реализира поради негово боледување. Државниот ревизор, во извештајот открил дека Фрчкоски платил за авионски карти од буџетот на Мисијата, а подоцна тој изјави дека ќе ги врати од сопствени средства.

Во МНР беа повикани и амбасадорите Весел Мемеди, Андреј Жерновски и Данчо Марковски. Мемеди требаше да објасни, зошто на италијанските власти соопштил дека не важат валидните македонските пасоши со старото име, Марковски за драстично намалениот број на Македонци на пописот во Албанија и Жерновски за нерегуларностите за неговото упатување како амбасадор.

 

Ирина Гелевска