Тим Волц официјално ја прифати номинацијата за потпретседател на демократите
Демократите избраа кандидат за потпретседател на САД. Гувернерот на Минесота, Тим Волц и официјално ја прифати номинацијата.Заедно со претседателската кандидатка Камала Харис ќе му се спротивстават на Доналд Трамп на изборите во ноември. Републиканскиот кандидат за прв пат на јавен собир по обидот за атентат, но зад непробојно стакло...

Гувернерот на Минесота, Тим Волц и официјално ја прифати номинацијата на Демократската партија за трката за потпретседател на изборите во ноември. 60-годишниот Волц, воен ветеран, поранешен професор и фудбалски тренер вети дека тој и Харис ќе триумфираат над републиканецот Трамп велејќи дека тој претставува закана за земјата, а неговиот втор мандат во Белата куќа не би послужил никому освен на богатите.
„Нивниот проект 2025 ќе ги направи работите многу потешки за луѓето кои се обидуваат да ги живеат своите животи. Ако овие момци се вратат во Белата куќа, ќе почнат да ги наплаќаат трошоците за средната класа. Тоа не служи никому освен на најбогатите“, изјави Тим Волц, демократски кандидат за потпретседател на САД.
Делегатите од матичната држава на Волц задоволни од изборот.
„Секогаш е автентичен. Секогаш е реален. Се поврзува со луѓето толку длабоко, лесно и природно“, вели делегат од Минесота.
„Знам дека тој е само прекрасна личност. Тој е силен. Тој ги разбира заедниците“, вели друг делегат од Минесота.
„Тој се бори за нас. Тој е одличен човек. Навистина се гордеам со него“, изјави трет делегат од Минесота.
Во исто време републиканецот Доналд Трамп се појави зад непробојно стакло во Северна Каролина на прв јавен собир по обидот за атентат на кој говореше за националната безбедност. Ги обвини Бајден и Харис за смртоносното повлекување од Авганистан и за војните во Украина и Блискиот Исток.
„Го поразивме ИСИС. Ги убиваме врвните терористи. Ги обезбедивме нашите граници. Направивме работи какви што никој досега не слушнал, главно ги вративме нашите трупи дома. Ако Камала победи овој ноември, третата светска војна практично ќе се случи. Светот гори, а Камала и Бајден нè одведоа на работ на Третата светска војна“, изјави Доналд Трамп, претседателски кандидат на републиканците.
Независниот претседателски кандидат Роберт Ф. Кенеди Јуниор се очекува да се откаже од трката за Белата куќа, објавија американски медиуми. Аналитичарите велат дека во тесната трка меѓу Камала Харис и Доналд Трамп за претседателската функција, гласовите на поддржувачите на Кенеди би можеле да го одредат исходот во некои држави.
Маријана Димовска
