Фестивал на водени спортови по втор пат во Охрид
Во Охрид, по втор пат се одржува фестивалот на водени спортови. Манифестацијата на која учество ќе земат спортисти од земјава и странство ќе започне утре, а ќе се заокружи со големиот пливачки маратон од Свети Наум до Охрид на патеката „Климе Савин“, кој ќе се одржи на 31-ви август. Оваа содржина се очекува на охридското крајбрежје да привлече поголем број туристи со што ќе се продолжи туристичката сезона …

Фестивалот на водени спортови официјално ќе започне утре, а денеска веќе се одржа Меѓународната едриличарска регата. До крајот на месецов охриѓани и гостите ќе можат да проследат регати во кајак и веслање, трки во пливање, односно вкупно 20 спортски настани.
Круна на Фестивалот ќе биде Охридскиот пливачки маратон кој ќе се одржи на 31-ви август од Свети Наум до Охрид, на патеката „Климе Савин“ во должина од 30 километри. Манифестацијата покрај за развој на спортот, се очекува да даде голем придонес за промоција на Охрид како туристички центар.
„Секако покрај основната цел на формирањето претставува и дополнителен број на туристи коишто би ги привлекле овие настани, меѓутоа и оние коишто се од странство, а сепак ќе учествуваат на овој настан“, изјави градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
Во рамките на Фестивалот предвидени се и повеќе едукативни и забавни содржини.
„Овој фестивал е вистинско славење на нашето природно богатство Охридското, Езеро и на културата што го опкружува. Годинава фестивалот го проширивме со уште многу повеќе активности кои ги обединуваат уметноста, музиката, спортот и екологијата“, изјави Никола Вретоски, претседател на фестивалот.
„Доколку минатата година нашата цел, визија и мисија беше преку реализацијата на овој проект да успееме да ги обединиме сите охридски водени спортови и нивните активности, оваа година со гордост можеме да кажеме дека тоа успешно го направивме“, рече Јоне Станковски-организациски одбор.
Фестивалот не ги заборави и најмладите кои ќе можат да нуркаат, да учествуваат во водените лудории, трките со педалинки и други активности.
Сашо Нелоски
