Македонија

Осомничените за убиството кај „Мавровка“ се бегалци од затвор

22.08.2024 15:45

Првоосомничениот за убиството кај „Мавровка“ е бегалец од затвор, потврдуваат од Управата за извршување санкции. Лицето кое само се пријави, сè уште е на распит во полициска станица…

Осомничениот за убиството на 59-годишниот скопјанец кај Мавровка и лицето кое самото се пријави вчера во полициската станица „Пролет“, се избегани осуденици од македонските затвори. 39-годишникот кој Јавното обвинителство го товари за убиство и обид за убиство, бил осуден на 14 години и 10 месеци казна затвор за тешка кражба и недозволено поседување оружје. Бил пуштен на викенд на 13 април и оттогаш не се вратил во „Идризово“. МВР по него распишало централна потерница потврдуваат за МТВ од Управата за извршување санкции.

Второто лице по кое трагаше МВР, пак, избегало од затворот „Скопје“ на 22-ри јули. Веднаш по убиството, полицијата изврши претреси на четири локации и го лиши од слобода првоосомничениот за грозоморното убиство кај „Мавровка“ чии мотиви биле користољубие.

Основното Јавно обвинителство потврди дека е известено од Министерството за внатрешни работи дека е уапсено едно лице за кое постои сомнение дека било инволвирано во убиството кај Трговскиот центар „Мавровка“.

„Со оглед на тоа што приведениот е осудено лице за друго кривично дело и бил во бегство од КПУ Затвор „Скопје“ врз основа на издадената потерница и по консултација со Јавен обвинител, тој денеска е вратен во затворот со максимални мерки за обезбедување“, велат од Обвинителството.

Во тек се вештачењата на материјалните докази со кои се утврдува основаноста на сомненијата за негова вклученост во настанот. За убиството кај „Мавровка“ обвинителството отвори истрага против 39-годишниот Е.К. Го товари за три кривични дела меѓу нив и за убиство. Одреден му е 30-дневен притвор.

Викторија Милевска