Политика

Мицкоски: Владината коалиција функционира беспрекорно

22.08.2024 16:15

Владината коалиција функционира нормално, нема недоразбирања, тврди премиерот Мицкоски. Последните случувања на релација „Вреди“-„ЗНАМ“ ги оценува како нормални постапки што ги има, како што вели, во секое семејство…

Владината коалиција функционира беспрекорно, амбиентот внатре е конструктивен, тврди премиерот Мицкоски. Смета дека е логично да има различни ставови по некои прашања, но важно е секогаш да се наоѓа решение. Мицкоски, додаде дека оваа влада има поддршка од повеќе од две третини од пратениците во парламентот и тоа, според него, е важно затоа што граѓаните очекуваат резултати.

Во меѓувреме продолжуваат препукувањата меѓу „Вреди“ и „ЗНАМ“. Министерот за здравство Арбен Таравари, најави тужба против лидерот на „Македонски концепт“ Петар Богојески, за како што посочува ширење омраза.

На Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“ не му се допаѓа нивото на комуникација на неговиот коалициски партнер Максим Димитриевски од Движењето „ЗНАМ“. Таравари ја даде ваквата оценка, откако Димитриевски ја повика коалицијата „Вреди“ да се коригира.

Според Димитриевски, граѓаните веќе не се заложници на национални платформи и теми за знамиња, туку сакаат подобар животен стандард. Од друга страна, Таравари реплицира дека на Димитриевски ќе му требаат албанските гласови на идните локални избори.

Се огласија и од опозициската СДСМ. Според нив, владината коалиција функционира беспрекорно кога треба да се скријат аферите.

Премиерот Христијан Мицкоски во неверојатна изјава за медиумите рече дека владината коалиција функционирала беспрекорно. Тој со тоа потврдува, како што велат социјалдемократите, дека сите заеднички афери на коалициските партнери ДПМНЕ и „Вреди“ не придонесуваат да се нарушат односите и тој ќе ги штити оние кои го кршат законот.

Игор Панов