Македонија

Врховниот суд го укина решението на Кривичен и го врати на повторно постапување предметот за екстрадицијата на Рамадани

22.08.2024 16:41

Врховниот суд денеска донесе решение за предметот во врска со екстрадицијата на Блерим Рамадани со кое се укинува Решението на Основниот кривичен суд Скопје и предметот се враќа на повторно одлучување и постапување...

Врховниот суд донесе решение за предметот во врска со екстрадицијата на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани, со кое се укинува решението на скопскиот Кривичен суд и предметот се враќа на повторно одлучување и постапување.

„Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд – Скопје, при донесување на својата одлука со која утврдил дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција на именуваното лице, не дал образложени причини од кои се раководел кога прифатил постапката да се води како редовна. При повторното постапување, првостепениот суд е должен да ги има предвид наведените укажувања, како и одредбите од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја и Европската конвенција за екстрадиција со првиот и вториот дополнителен протокол за Законот за ратификација на третиот дополнителен протокол на Европската конвенција за екстрадиција, па врз основа на истите со правилна примена на одредбите да донесе правилна и законита одлука“, соопштуваат од Врховниот суд.

Блерим Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен на 17 јули 2024 година на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадициски притвор во затворот во Шутка. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.

На 1 август, мерката на Рамадани од надлежен македонски суд му беше преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој, според решението, беше упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август. На 15 август од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување на централна потерница за Блерим Рамадани, бидејќи лицето е недостапно за органите на прогонот.