Економија

Мицкоски ги повика синдикалците да не наседнуваат на политичка кампања, најави средба за минималецот

22.08.2024 19:29

Ќе има ли покачување на минималецот на 450 евра? Премиерот Мицкоски се сомнева во политичка заднина на барањето на Сојузот на синдикати. Најави средба…

Ја разбирам потребата за зголемување на платите, но синдикатите да не наседнуваат на политичките кампањи на СДСМ. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски откако од ССМ побара раст на минималецот на 450 евра, сега. Премиерот рече дека ќе разговара со легитимните синдикати, оти била јасна потребата за растот на платите.

„Ги повикувам членовите на Синдикатот да не наседнуваат во политичка кампања во рамките на истата. Ние сме Влада која многу скоро ќе седне да разговара со сите легитимни организации. Ја разбирам потребата од зголемување на платите. Секој од нас живее од плата. Ние не живееме од провизии, криминални тендери, трговски центри, фабрики за марихуана. Живееме сите од плата“ – рече Мицкоски.

Ваквата реакција следува откако од Сојузот на синдикатите на Македонија побараа повисоки плати. Ако не се случи тоа, велат, ниту еден работник нема да остане во земјава, оти секаде биле зголемени примањата.

„Ако не се зголемат платите, работниците ќе заминат да работат во Црна Гора за 600 до 800 евра плата, во Бугарија за 500 евра, БиХ за 500 евра, а да не ги споменуваме Хрватска и Словенија“, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Според УЈП, близу 34 илјади работници во државата работат за минималец или под минималната плата.

Борис Грујоски