САД

Камала Харис вечерва и официјално ќе ја прифати претседателската номинација

22.08.2024 19:52

Медиумите пренесуваат дека таа ќе биде кандидатката која ја претставува најбрзо растечката расна категорија во земјата, како мултирасна личност и ќерка на родители имигранти, татко од Јамајка и мајка Индијка.

За време на завршната вечер на демократската национална конвенција во Чикаго, актуелната потпретседателка на САД, Камала Харис, вечерва треба и официјално да ја прифати претседателската номинација од Демократската партија за кандидатка на претседателските избори во ноември.

Медиумите пренесуваат дека таа ќе биде кандидатката која ја претставува најбрзо растечката расна категорија во земјата, како мултирасна личност и ќерка на родители имигранти, татко од Јамајка и мајка Индијка.

Според американското биро за попис, околу 42 милиони Американци сега се идентификуваат како мултирасни, или 13 отсто од населението во САД. За споредба, на пописот во 2000 година, кога за првпат беше дозволено да се изберат повеќе раси, само два отсто од жителите се изјаснија како такви.

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп неодамна изрази критика на сметка на Харис затоа што го користела нејзиниот идентитет како црна жена за политички цели.