Култура

Свечено отворени „Струшките вечери на поезијата“

23.08.2024 13:00

Градот на поезијата деновиве домаќин на истакнати македонски и светски поети. Започна најстарата поетска манифестација во земјава. Годинава мотото е „Допир на убавината“, чествувајќи ја 200-годишнината од кодифицирањето на Брајовото писмо…

Се разгоре поетскиот оган, започна 63. издание на фестивалот „Струшки вечери на поезија“. Годинава мотото е „Допир на убавината“, чествувајќи ја 200-годишнината од кодифицирањето, за првпат Константиновата „Т’га за југ“, беше прочитана со Брајово писмо. Во Паркот на поезијата традиционално се засади дрво во чест на годинешниот лауреат.

„Не постојат мали и големи јазици, мали и големи култури. Над реката Дрим, „Струшките вечери на поезијата“ ги сплотуваат стиховите на јазикот на цивилизациското разбирање, јазикот кој сите ние мораме да го зборуваме и да го почитуваме“, истакна Зоран Љутков министер за култура и туризам.

Градот на мостовите преку поезијата го обединува светот. Фестивалот во изминатите децении одиграа значајна улога во одржувањето на чувството за потреба од пораките на поетите од сите меридијани, во мисија за зближување на народите, литературите и културите.

„Сите ние ја живееме вечноста на мигот, богати и пребогати со мислата дека можеби ќе бидат разбрани пораките кои секоја година одовде од градот на Браќата Миладиновци ипраќаат десетици поети од целиот свет со полни грстови надеж која совршеност е римува крај езерото и реката со оваа убавина која природата со секоја раскош ја растурила“ – рече Веле Смилевски писател.

„Дајте си малку сонце ве молам, сонце малку дајте си макар и во мигот на некое поаѓање, макар и врз урнатините на пејзажите, макар и за да го совелтите разумот, дајте си малку сонце, истакна добитник на „Златниот венец“, Жан Пјер Симеон.

Годинава поетска Струга ќе биде домаќин на над 50 македонски и 25 странски истакнати поети. Фестивалот завршува на 26 август со традиционалното читање на Мостот на поезијата.

 

Соња Рилковска