Србија

Шестчлено семејство загина во пожар во семејна куќа во Нови Сад

23.08.2024 12:16

Трагедија во Србија. Шест луѓе загинаа, меѓу кои и четири деца во пожар во семејна куќа во Нови Сад. Децата биле на возраст од 2 до 7 години. Сите жртви се членови на едно семејство. Полицијата и јавниот обвинител извршија увид за утврдување на причините за несреќата. Според првичните информации, пожарот е предизвикан од скутер што се полнел со струја.

Страшна трагедија изутрина го разбуди Нови Сад. Шестчлено семејство, четири деца на возраст од две до седум години и нивните родители, загинаа во пожар во нивната семејна куќа. Несреќата се случила во населбата Салајка, околу три часот ноќеска кога, според првичните неофицијални информации најверојатно се запалил електричен велосипед кој бил ставен на полнач, по што огнот брзо се проширил.

„Ова е навистина една незапаметена трагедија. Телата на настраданите се префрлени во Судска медицина на обдукција. Ги чекаме резултатите, прелиминарниот извештај на Министерството за внатрешни, работи на утврдување на сите релативни факти и докази кои треба да покажат што се случило во куќата‘, изјави градоначалник на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.

Од Министерството за внатрешни потврдија дека пожарникарите брзо реагирале, но дека се работи за една специфична ситуација во која настраданите биле оневозможени да се евакуираат.

„Противпожарната служба на Нови Сад изутрина во 2 часот и 43 минути доби прв повик дека гори куќа во населбата Салајка, на улицата „Ѓорѓе Дере“. По само пет минути пожарникарите и спасувачите пристигнаа на местото со две противпожарни возила и девет пожарникари. Пожарот многу брзо беше локализиран, за само 4 минути, меѓутоа за жал немаше спас за луѓето кои веќе беа во објектот. Станува збор за една специфична ситуација, за еден објект кој нема приклучена електрична енергија туку се во прашање продолжни кабли, тоа е цврст објект каде што е и пронајдено семејството, каде што постои прозор кој е до оградата на гробиштата одзади и со самото тоа биле оневозможени да се евакуираат“, информираа од Министерство за внатрешни работи на Србија

Полицијата сè уште е на терен и врши истрага која треба да ги даде одговорите за точната причина за трагедијата. Градските власти соопштија дека по добиениот извештај од полицијата ќе биде прогласен ден на жалост.

 

Бојана Крстевски