Јанев: ЕБР има стожерна позиција во севкупниот полициски систем на функционирање
Денеска, во Полицискиот центар Ѓорче Петров беше одбележан 23 август – Денот на Единицата за брзо распоредување и 23 години од формирањето на оваа елитна единица при Министерството за внатрешни работи.

Денеска, во Полицискиот центар Ѓорче Петров беше одбележан 23 август – Денот на Единицата за брзо распоредување и 23 години од формирањето на оваа елитна единица при Министерството за внатрешни работи. Во присуство на претставници на Владата, највисокото раководство на МВР, претставници на семејствата на загинати и починати припадници на ЕБР, како и припадниците на оваа единица, ги поздрави и им се обрати директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев.
Во своето обраќање, директорот Јанев ги потенцираше сите позитивни постигнувања и дострели на Единицата за брзо распоредување кои сите не прават исклучително горди, а тоа се: улогата, професионалниот квалитет на знаења и вештини и местото што ЕБР го има во полициско-безбедносниот систем на нашето министерство.
Директорот Јанев подвлече дека денес, Единицата за брзо распоредување, профилирајќи се во високо-специјализирана полициска единица, со исти такви квалитети на секој нејзин припадник, во своето егзистирање етаблираше современи стандарди и професионални критериуми од сите аспекти – физички, ментални, образовни, технички и така натаму, и затоа таа сега претставува Единица подготвена да одговори на сите зададени полициски задачи, самостојно и координирано, без оглед на нивната специфичност и сложеност.
Јанев нагласи дека за БЈБ и МВР од императивно значење е прашањето за натамошно развивање на Единицата за брзо распоредување во повеќе насоки, почнувајќи од делот на воведување на нови методологии на дејствување, а проследено со натамошна материјално-техничка модернизација, односно техничко-функционална опременост, па се до приспособување и примена на технички софистицирани средства и системи на работа.
На крај на своето обраќање директорот Јанев потенцираше дека со секојдневното и чесно работење на секој припадник на полицијата се праќа моќна порака до сите оние кои се огрешиле или имаат намера да се огрешат пред законот, дека криминалот не е исплатлив и правдата на крај секогаш ќе победи!
На настанот повеќе делегации на МВР, БЈБ и роднини на загинатите припадници на Единицата положија свежо цвеќе на спомен плочата на загинатите припадници на ЕБР и ја посетија спомен собата на Единицата.
На свеченоста беа доделени и плакети на припадници на ЕБР кои со својата професионалност и работа даваат особен придонес во развојот и афирмација на Единицата за брзо распоредување.
