скопје

Редуцираниот автобуски превоз во Скопје ги загрижи средношколците и студентите

23.08.2024 14:36

Редуцираниот автобуски превоз во Скопје ги загрижи средношколците и студентите. Стравуваат дека може да останат без начин како да стигнат до училиште или факултет. Од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите бараат надлежните во Град Скопје да најдат начин за надминување на проблемот, иако, времето е кусо до новата учебна година.

Изминатиов период граѓаните на метрополата се соочуваа со проблем со јавниот превоз. Деновите кога температурата знаеше да достигне и над 40 степени автобуските постојки беа преполни со граѓани коишто чекаа автобус и со саати. Граѓаните се жалат дека автобусите доцнат и не се редовни, додека пак студентите и средношколците на само неколку дена пред стартот на новата учебна година се исплашени како ќе функционираат и дали ќе стигнат навреме до своите училишта и факултети.

Ова е сликата што може да се забележи на автобусите постојки. Оттука и загриженоста на Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите дека тие со почетокот на учебната година нема да имаат начин како да стигнат до училиште и факултет. Времето е кусо, но очекуваат да се најде решение за проблемот.

Директорот на ЈСП, Драги Кушовски потврдува дека во моментов сообраќаат недоволен број на автобуси. Претпријатието се соочува со недостиг на возила за да го пополни возниот ред, но Кушовски вели дека се трудат наталожените проблеми да се решаваат.

Неплатените фактури за бесплатниот студентски превоз во висина од 8 милиони евра се стигнати, вели министерката за образование, но, остава на Судот да одлучи кој треба да плати. Арсовска смета дека вистинската адреса е Владата, Јаневска вели дека тие не потпишале договор, ниту спогодба, ниту е донесена таква одлука.

 

Ана Јосифоска Тодоровска