Во септември тендер за изградба на регионалната депонија кај Свети Николе
Нема решение за палењето на кочанската депонија. Густ чад скоро секојдневно го обвива Кочани и кочанско. Граѓаните велат дека проблемот почнал откако депонијата стана регионална, со отпад не само од Кочани туку и од неколку соседни општини. Решение се гледа во регионалната депонија во светиниколско, која според најавите од Министерството за животна средина треба да се изгради за две години …

Скоро секој ден Кочани е покриен со чад од депонијата. Локалната власт во обид да стави крај на овој еколошки проблем, најави дислокација на депонијата, но таа сè уште не е отпочната. Жителите на село Бели се незадоволни од инертноста на институциите.
Екологистите од Кочани доставија до општината предлози за санирање на состојбата, но за сега ништо не се имплементира.
Трајно решение за кочанчани е регионалната депонија кај светиниколско Мечкуевци, проект кој по една деценија добива на динамика, велат од Министерството за животна средина. Во септември ќе се распише тендер за изведувач на градежните работи, кои би требало да завршат за две години.
Депонијата кај Мечкуевци треба да стави крај на нестандардните депонии во 18 општини од источниот и североисточниот регион. Според проектот, таму ќе завршува само мешаниот отпад кој претходно ќе се селектира во општините, а крајната цел е да се доведе до биоотпад од кој ќе се добива енергија.
Славица Величковска
