ГЕРМАНИЈА

Крвав напад за време на фестивал во Солинген, вооружен маж со нож уби три лица и рани осуммина

24.08.2024 12:34

Вооружен маж со нож уби три лица, а рани неколкумина за време на „Фестивалот на различноста“, во германскиот град Солинген, во близина на Дизелдорф. По сослушување на очевидци, властите уапсија едно лице. Мотивите за нападот и натаму непознати. Германската влада претходно овој месец рече дека планира да ги заостри правилата за носење ножеви на јавни места...

Крвав напад за време на фестивал во градот Солинген, Западна Германија. Вооружен маж со нож, уби три лица и рани осуммина. По сослушувањето на повредените и сведоците, властите уапсија едно лице за кое се тврди дека е наводно извршител на нападот.

„Околу 21:37 примивме неколку повици од сведоци во нашето седиште кои ни кажаа дека сторителот нападнал луѓе со нож на годишнината овде во Солинген. Првите сведоци ни кажаа дека едно лице напаѓало луѓе со нож. Немаме информации за мотивите“, изјави Александар Креста, портпарол на полицијата.

„Ова е страшна и опасна состојба во којашто живееме. Бев во Дизелдорф во седиштето на полицијата и тогаш беше заклучено дека се работи за планиран напад, а не дивеење“, изјави Херберт Реул, министер за внатрешни работи на покраината Северна Рајна-Вестфалија.

„Фестивалот на различноста“, по повод 650-годишнината на градот Солинген, почна вчера и требаше да трае до недела, со неколку сцени на централните улици. Поради нападот, сите настани се откажани, а дополнително, патиштата се блокирани.

„Бевме само шокирани и сè уште сме. Ова може да се случи секаде и тажно е“, изјави очевидец.

„Јас сум шокирана и запрепастена бидејќи во Солинген секогаш нешто се случува. Ние сме повеќе на насловните страници отколку Берлин“, вели друг очевидец.

„Сочувство кон семејствата и роднините на жртвите, сакаме да покажеме дека сме тука за вас. Јас бев тука со некои пријатели. Седевме на клупите, но ги слушнавме вресоците и луѓето почнаа да бегаат, па и ние побегнавме“, изјави очевидец.

Солинген се наоѓа во германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, во близина на Келн и Дизелдорф и е најнаселената провинција на границата со Холандија. Германската влада претходно овој месец рече дека планира да ги заостри правилата за ножевите што може да се носат во јавност со намалување на максималната дозволена должина.

 

Маријана Димовска