2.000 Македонци ќе работат во американски контакт центар

09.07.2014 15:29

Засега не се открива која е компанијатакоја сака да вработи 2.000 луѓе во Македонија...

Македонци ќе одговараат на прашања и ќе решаваат проблеми на клиенти на големи американски компании, лидери во различни индустрии.

Дојдоа во голем број, да се претстават пред компанијата која нуди вработување во контакт центари. Бојан Стојановски, дипломирал на ФИНКИ и не губи време. Сам бара работа.

„Видов дека е добра шанса. Платата е добра за наши услови. Таму пишуваше околу 29.000 денари“, вели Бојан Стојановски.

Меѓу кандидатите е и Александар Михаиловски од Тетово. За огласот го известиле од Центарот за вработување.

„Една година сум без работа. Завршив на Штуловиот универзитет бизнис информатика и ова ќе ми биде прво работно искуство“, рече Александар Михаиловски.

За вработување решавачки се активно познавање на англискиот јазик и на компјутери.

„Нашата проценка покажа дека едукацискиот систем во Македонија е многу добар, дека луѓето имаат технички компетенции и тоа е причината што решивме да дојдеме токму овде“, вели претставник на американската компанија.

Засега не се открива која е компанијатакоја сака да вработи 2.000 луѓе во Македонија.

„Мултинационална контакт центар компанија. Има 12.000 вработени. Оперира во 5 земји и сака да има свое претставништво и во Македонија“, нагласи министерот без ресор Џери Наумоф.

Оние што ќе бидат вработени ќе мора успешно да ја поминат обуката, да научат да работат по американски стандарди и по амeриканско работно време.

 

Наташа Јанчиќ