Македонија

Опозицијата бара итна истрага за бегството на Блерим Рамадани

24.08.2024 15:07

СДСМ бара Јавното обвинителство да не чека и веднаш да поведе истрага за бегството на Блерим Рамадани. Од партијата тврдат дека се работи за организирано бегство од високи функционери во МВР. „Очигледно СДСМ правеше сценарија рамни на научна фантастика за бегството на Блерим Рамадани“, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ. Според владејачката партија, се прикриваат приведени за убиство и го спасуваат судијата Пајазит Пајазити...

Власта и опозицијата продолжуваат со обвинувањата кој е виновен за бегството на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани. СДСМ тврди дека неговото бегство лично го организирал началникот на северната граница со Косово Наим Рамука, повикувајќи се на докази доставени од свиркачи. Бараат Јавното обвинителство да не чека и веднаш да поведе независна истрага, а од министерот Тошковски оставка. Власта на ВМРО-ДПМНЕ е фатена жива во мегаскандал со злоупотреба на државната граница, државните институции и серија прекршувања на законите, изјави портпаролката Кузеска.

Според ВМРО-ДПМНЕ, единствен виновник за бегството на Рамадани останува врховниот судија Пајазит Пајазити кој наместо ефективен, му одреди куќен притвор. Од партијата со став-опозицијата шири лажни информации и ги повика обвинителите што поскоро да го расчистат бегството. Очигледно СДСМ правеше сценарија рамни на научна фантастика за бегството на Блерим Рамадани, а се прикриваат приведени за убиство и го спасуваат Пајазити, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Една недела по бегството, Врховниот суд го укина решението на Скопскиот кривичен суд, кој утврди дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција на Рамадани. При повторното донесување на одлука, Кривичен ќе треба да води сметка и за Европската конвенција за екстрадиција.

 

Милчо Велески