Се бара начин за повисоки плати за наставниците, најави министерката Јаневска
„И јас како наставник, сакам достоинствени плати за моите колегите во образованието“ – вели министерката Јаневска. Во март наставниот кадар ќе добие покачување на платата онолку колку што ќе дозволи буџетот. Идната недела се очекува средба со Синдикатот за образование и наука...

Јас самата сум наставник и точно ги знам проблемите и предизвиците со коишто се соочуваат наставниците, рече министерката за образование Јаневска. Вети дека во март наставниот кадар ќе добие покачување на платата онолку колку што ќе дозволи буџетот а во текот на годината ако има можности уште едно покачување се со цел да бидат задоволни и мотивирани. Потенцираше дека грчевито ќе се бори за наставниците, а со Синдикат за образование и наука се во постојан контакт.
На територијата на Општина Аеродром, во основното училиште „Љубен Лапе“ ќе се запишат најголем број на првачиња. Во оваа општина ќе има за 400 првачиња повеќе од претходната година рече градоначалникот. Се прават последните подготовки.
Во 10 општини во земјава е направена оптимизација и учениците кои биле во подрачни училишта а имало услови да се префрлат во централните, се префрлени. Се прават анализи и за оваа година.
Во меѓувреме учебниците се дистрибуираат во училиштата. На само неколку дена пред стартот на новата учебна година министерката за образование и наука повтори дека учебници за сите ученици ќе има оваа година, по сите предмети освен по странски јазик.
Студентите кои годинава се запишуваат во прва година ќе може да аплицираат за студентски оброк до рокот утврден со повикот, 5-ти септември. За наредната година најави зголемување на студентскиот оброк. Исполнето е и барањето на студентите за оние што завршиле три години додипломски студии да имаат право да аплицираат за стипендии за втор циклус студии.
Ана Јосифоска Тодоровска
