Жртви и повредени во напад со нож во Солинген
Вооружен маж, со нож уби три лица, а рани осуммина за време на „Фестивалот на различноста“, во германскиот град Солинген, во близина на Дизелдорф.По сослушување на очевидци, властите уапсија едно лице. Мотивите за нападот и натаму непознати. Канцеларот Шолц побара најстрога казна за сторителот...

Крвав напад за време на фестивал во градот Солинген, Западна Германија. Вооружен маж со нож, уби и рани посетители. Од повредените неколкумина се во критична состојба. По сослушувањето на сведоците, власта почна со апсења.
„Бевме само шокирани и сè уште сме. Ова може да се случи секаде и тажно е“, изјави очевидец.
„Јас сум шокирана и запрепастена бидејќи во Солинген секогаш нешто се случува. Ние сме повеќе на насловните страници отколку Берлин“, вели друг очевидец.
„Сочувство кон семејствата и роднините на жртвите, сакаме да покажеме дека сме тука за вас. Јас бев тука со некои пријатели. Седевме на клупите, но ги слушнавме вресоците и луѓето почнаа да бегаат, па и ние побегнавме“, додава друг очевидец.
„Фестивалот на различноста“, по повод 650-годишнината на градот Солинген, почна вчера и требаше да трае до недела, со неколку сцени на централните улици. Поради нападот, сите настани се откажани, а патиштата блокирани. Канцеларот Шолц побара најстрога казна за сторителот.
„Сега треба да се направи се за се спроведе редот и законот, а сторителот да биде строго казнет. Ние во нашето општество не смееме да го прифатиме и да се помириме со ова. Мора да се направи со целосна сила на законот“, изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија.
Солинген се наоѓа во германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, во близина на Келн и Дизелдорф и е најнаселената провинција на границата со Холандија.
„Луѓето се трогнати. Многу од убиените и ранетите имаат семејство и пријатели во овој град. И посакувам успешна истрага на полицијата“, изјави Тим Курцбах, градоначалник на Солинген.
Германската влада претходно овој месец рече дека планира да ги заостри правилата за ножевите што може да се носат во јавност со намалување на максималната дозволена должина.
Маријана Димовска
