Гори на Блискиот Исток, властите во Тел Авив прогласија вонредна состојба
Врие на Блискиот Исток. Властите во Тел Авив прогласија вонредна состојба откако со повеќе од 320 ракети и голем број беспилотни летала, Хезболах изврши одмазднички напад на позиции во северен Израел и Голанската Висорамнина. Израелската одбрана возврати со бомбардирање на јужен Либан со околу 100 воени авиони. Премиерот Нетанјаху се закани, ќе биде повреден секој што му штети на Израел. Белата куќа внимателно ги следи случувањата …

Нова ескалација на Блискиот Исток. Хезболах лансираше над 320 ракети и беспилотни летала врз северен Израел и Голанската Висорамнина како одмазда за атентатот на нивниот командант во Бејрут минатиот месец. Израелските сили одговорија со бомбардирање на јужен Либан со околу 100 израелски воени авиони и прогласија вонредна состојба.
„Системите за противвоздушна одбрана, бродовите и авионите имаат мисија да го заштитат небото и земјата, да идентификуваат и пресретнуваат закани и да напаѓаат каде било во Либан, за да се отстранат заканите од Хезболах. Кога рековме дека ќе направиме сè што е потребно за да ги заштитиме граѓаните, тоа и го мислевме“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.
„Одбраната елиминираше многу други закани и дејствуваше со голема моќ. Ние сме решени да сториме се за да ја заштитиме нашата земја, да ги вратиме жителите на север безбедно во нивните домови и да продолжиме да го почитуваме едноставното правило: кој и да не повреди нас, ќе го повредивме и ние него“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Шефот на Пентагон ја потврди посветеноста на САД за одбраната на Израел. Од Белата куќа велат дека американскиот претседател Бајден внимателно ги следи случувањата. Израелската Управа за цивилно воздухопловство најави обновување на летовите до и од аеродромот „Бен Гурион“ по кратка суспензија на операциите.
„Се надевам на добар исход, се надевам дека ќе стигнеме до авионот, бевме запрени при пријавувањето“, изјави патник.
„Подобро доцна отколку никогаш. Според мое мислење, превентивниот удар требаше да се направи на почетокот на војната, нечекајќи ги сите жители на северот да бидат евакуирани“, вели друг патник.
Пред разговорите на високо ниво во Каиро за можен прекин на огнот со посредство на САД, Египет и Катар, во Тел Авив нови протести за враќање на заложниците што ги држи Хамас.
„Нетанјаху потфрли на седми октомври, а потоа и со враќањето на киднапираните. Отстранете го од функцијата и назначете лице кое ќе може да ги врати заложниците“, изјави демонстрант.
„Ние нема да бидеме земја во која владеат екстремисти и ги принудуваат здраво мнозинство да ги жртвува животите на граѓаните“, додава друг демонстрант.
Спорната точка за прекин на огнот и натаму останува коридорот Филаделфија, границата меѓу Египет и Газа. Вашингтон тврди дека разговорите напреднале, а израелските власти прифатиле делумно повлекување на војниците од областа.
Маријана Димовска
